Хематологијата е комплексно и предизвикувачко медицинско поле кое опфаќа различни заболувања, од различни форми на малигни болести, тромбози до крварења, како што е хемофилијата. Иако природата на овие болести е разновидна, тие честопати влијаат врз преживувањето на пациентот или неговиот квалитет на живот. Хематолошките малигни болести се петта најчеста причина за смрт од малигна болест во светот1. Трите најчести типови на хематолошки малигнитети се лимфом, леукемија и миелом.
Лимфомот е најчестата форма на хематолошка малигна болест, која се дијагностицира секоја година кај повеќе од 500.000 лица ширум светот.1 Потекнува од специфичен тип на клетки на имуниот систем (лимфоцити или бели крвни клетки) и може да се подели во две основни категории: Хочкинов лимфом и не-Хочкинов лимфом (НХЛ).2
Иако знаците и симптомите, како на пр. необјаснет губиток на телесна тежина, треска, зголемен лимфен јазол и ноќно потење, кај различните форми на лимфомот можат да бидат исти, сепак третманскиот пристап и грижата за пациентите се различни.
Леукемијата е втора најчеста форма на хематолошка малигна болест, која се дијагностицира секоја година кај повеќе од 400.000 лица ширум светот. Типот на леукемија од која страда едно лице зависи од тоа дали малигните клетки потекнуваат од белите или црвените крвни клетки.
Како и кај лимфомите, истражувачите и докторите работат со години да ги идентификуваат и категоризираат различните форми на леукемијата врз основа на нивните специфики.
Акутните или брзорастечките леукемии често се влошуваат побрзо и бараат итен третман, додека хроничните форми на леукемии обично напредуваат побавно.
Генерално постојат четири основни типа на леукемија: акутна лимфоцитна леукемија (АЛЛ), хронична лимфоцитна леукемија (ХЛЛ), акутна миелоидна леукемија (АМЛ) и хронична миелоидна леукемија (ХМЛ).
Знаците и симптомите варираат во зависност од видот на леукемијата и може да вклучуваат (меѓу другото) треска, хроничен замор или слабост, губење на телесна тежина и чести инфекции.4
Третманот и прогнозата кај пациентите со леукемија зависат од видот на засегнатите крвни клетки и стапката на раст на малигните клетки.5
Миеломот се дијагностицира секоја година кај повеќе од 150.000 лица ширум светот, и претставува трета најчеста форма на хематолошка малигна болест. Се смета дека потекнува од плазма клетките, кои се посебен вид на лимфоцити, односно бели крвни клетки. Бидејќи плазма клетките се распространети насекаде низ телото, миеломот може да се појави на повеќе места во телото и честопати се нарекува и мултипен миелом.6
Лицата со миелом може да имаат многу различни симптоми, кои можат да вклучуваат болка во коските, чести инфекции, анемија, вкочанетост или пецкање и слабост.7 Покрај тоа, пациентите може да имаат одговорат на третманот на многу различни начини.8 Миеломот може да биде релапсно-ремитентен, што значи дека има периоди кога пациентот покажува симптоми на активност на болеста (релапс) и има потреба од активен третман, но има и периоди кога пациентот се смета дека е во ремисија и не покажува знаци на болест (ремисија).9
Повеќе од 20 години развиваме лекови кои ја менуваат дефиницијата за третман во хематологијата. Ние продолжуваме да работиме напорно за да пронајдеме иновативни третмански опции за лицата со хематолошки малигни болести преку спроведување на истражувања за многу целни (таргет) лекови и комбинации на лекови како и различни мерки за одредување на клиничкиот исход по третман.
Референци:
Globocan 2018. World Fact Sheet. пристапено: јуни 2018 г. достапно на:
National Cancer Institute: Dictionary of Cancer Terms. пристапено на: јуни 2018 г. достапно на:
Lyon, France: IARC Press. World Health Organization Classification of Tumors of Haematopoietic and Lymphoid Tissues. 2008.
Canadian Cancer Society. Symptoms of leukemia. пристапено: јуни 2018 г. достапно на:
National Cancer Institute: Cancer Types. пристапено: јуни 2018 г. достапно на:
Cancer Research UK. About myeloma. пристапено: јуни 2018 г. достапно на:
American Cancer Society. Signs and Symptoms of Multiple Myeloma. пристапено: јуни 2018 г. достапно на:
Bloodwise. Myeloma treatment and side effects. пристапено: јуни 2018 г. достапно на:
Myeloma UK: What is myeloma? пристапено: јуни 2018 г. достапно на: https://www.myeloma.org.uk/information/what-is-myeloma/.
Фоликуларниот лимфом е најчестата бавно растечка форма на не-Хочкинов лимфом, од која годишно повеќе од 75.000 луѓе се дијагностицираат ширум светот. Погледнете го видеото кое ве води низ патот на пациентот, вклучувајќи ги неговите симптоми, дијагноза, пристап до третман, ремисија и релапси.
Информациите на веб страницата имаат само информативен карактер и не можат да се сметаат како медицински совет.